Синер со титула во Шангај ќе има речиси 12 илјади бода, но и тоа е многу далеку од рекордот на Ѓоковиќ

Јаник Синер добро чекори на Мастерсот во Шангај и веќе е во четвртфиналето од турнирот кој уште не успеал да го освои во својата кариера.

Поради пандемијата со корона вирусот овој турнир не се играше од 2020 до 2022 година, а лани Италијанецот беше елиминиран во осминафиналето. Ако сега ја освои титулата ќе се зацврсти на првото место на АТП листата и ќе има 11.920 бода што е одличен ефект ако се знае дека пред само една година беше далеку од врвот, а во исто време дефинитивно ќе си ја обезбеди челната позиција на крајот од 2024.

Сепак, тој бодовен биланс не е доволен ни да се му приближи на рекордот на Новак Ѓоковиќ по бројот на бодови. Србинот на 6 јуни 2016 година постави апсолутен рекорд со 16.950 бода што веројатно уште долго ќе биде недостижно за останатите тенисери.

Интересно е тоа што таа 2016 година Ѓоковиќ освои седум турнири, вклучувајќи два Гренд слема, но годината ја заврши на второто место поради лошиот финиш на сезоната.