Синер по пет месеци пак е најдобар во светот – Алкараз ептен брзо може да го „симне“!
Со освојувањето на третата мастерс-титула сезонава, Синер стигна до 13.350 поени, што е за 950 повеќе од претходната недела. Алкараз, кој не успеа да ги одбрани бодовите од ланската титула во Монте Карло, падна на втората позиција со 13.240 поени, односно 350 помалку од претходно. За Јаник Синер ова е враќање на врвот по пет месеци, а сега веќе има вкупно 55 недели како лидер на светската ранг-листа. Шпанецот, сепак, може за само седум дена да се врати на врвот, ако победи на турнирот во Барселона кој почнува денеска, а на кој не настапува Италијанецот.
Во Топ 10 има и неколку значајни промени. Феликс Оже-Алијасим напредуваше две позиции и сега е петти со 4.100 поени, исто колку што има и Бен Шелтон, кој се искачи на шестото место. Тејлор Фриц исто така бележи напредок и сега е осми на листата. Најголем пад доживеа Лоренцо Музети, кој загуби четири позиции и сега е деветти, откако не успеа да ги одбрани бодовите од финалето во Монте Карло минатата година. Алекс де Минор исто така падна за едно место и сега се наоѓа на седмата позиција, додека Новак Ѓоковиќ останува на четвртото место на листата.