Хаос на меч во Хрватска: Редари тепале гостински фудбалери – реагирала и полицијата (ВИДЕО)

Фудбалот падна во втор план на натпреварот од Втората жупаниска Загребачка лига – Исток меѓу Ватрогасац Кобилиќ и НК Гај, кој заврши со убедлива победа на домаќинот од 3-0, благодарение на хет-трикот на Иван Мијатовиќ.

Наместо резултатот, дуелот ќе остане запаметен по сериозните инциденти и насилството на теренот, кои кулминирале во второто полувреме. Според соопштението на гостинскиот клуб, натпреварот од долниот дел на табелата бил обележан со грди сцени, кои прераснале во физички пресметки меѓу фудбалерите, но и лицата задолжени за редот. Од НК Гај тврдат дека во инцидентите се вклучиле и редари, кои наместо да ја смират ситуацијата, наводно учествувале во тепачките и физички нападнале нивни играчи. Состојбата, според нив, излегла од контрола до таа мера што морале да интервенираат полицијата и итната медицинска помош.

„Во второто полувреме дојде до целосна ескалација на насилството. Наместо спортско надмудрување, сведочевме на сцени на кои не им е местото на фудбалски терен“, соопштија од гостинскиот тим.

Гостите упатија сериозни обвинувања и на адреса на главниот судија, посочувајќи дека со своето однесување дополнително ги подгревал тензиите.

„Судијата им упатуваше навреди и пцовки на играчите и ја провоцираше ситуацијата. Неговото однесување беше крајно непрофесионално и без потребен авторитет“, стои во реакцијата.

Од НК Гај изнесоа и детална хронологија на спорните моменти, меѓу кои издвојуваат груб старт на домашен фудбалер, физички напад од голманот на Ватрогасац Кобилиќ кој, според нив, резултирал со повреди на главата кај гостински играч, како и други инциденти во кои имало расекотини.

„Натпреварот заврши со интервенција на полицијата поради сериозни повреди на нашите фудбалери. За вакви ситуации мора да постои нулта толеранција“, потенцираат од клубот.

Од гостинскиот тим најавуваат дека очекуваат итна реакција од надлежните институции и фудбалскиот сојуз, нагласувајќи дека поседуваат и видео материјали кои, како што велат, ги потврдуваат нивните тврдења.