В недела се игра првото финале за титулата во Англија – може да решава и гол-разликата!

Фудбалерите на Арсенал и Манчестер Сити продолжуваат уште една жестока и потенцијално антологиска трка за шампионската титула во Премиер-лигата.

По викендов одиграното коло, лондонскиот тим киксира на домашен терен против Борнмут (1-2), додека „граѓаните“ славеа на гостувањето кај Челси (3-0), па разликата сега изнесува шест бода. Сепак, составот од Манчестер има и натпревар помалку, а веќе следниот викенд го пречекува директниот ривал. Математиката е јасна – доколку Манчестер Сити слави против Арсенал, а потоа го добие и заостанатиот меч против Кристал Палас, бодовната разлика целосно ќе се анулира.

Во такво сценарио, титулата би можела да се решава и преку гол-разликата, која моментно е на страната на тимот предводен од Микел Артета (+38), додека екипата на Пеп Гвардиола има +35. Сепак, со оглед на тежок распоред до крајот, тешко е да се очекува дека борбата ќе се сведе само на оваа статистика. Дополнителен фактор во трката се и обврските на двата тима. Манчестер Сити е во игра и во ФА купот, каде што го очекува полуфинале против Саутемптон, додека Арсенал е на добар пат да обезбеди продолжување во Лигата на шампионите, каде потенцијално би се соочил со Атлетико Мадрид или Барселона.

„Граѓаните“ имаат можност да го стигнат ривалот веќе во рок од девет дена – доколку победат во меѓусебниот дуел, а потоа и на гостувањето кај Барнли, кое ќе се игра порано поради обврските во купот. Јасно е дека до крајот се очекува жестока битка, а првото големо „финале“ е веќе во недела, кога Пеп Гвардиола и Микел Артета повторно ќе ги вкрстат копјата, помалку од еден месец по финалето во Лига купот во кое триумфираше Манчестер Сити.

РАСПОРЕД ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА

33. коло: Манчестер Сити – Арсенал

34. коло: Арсенал – Њукасл, Барнли – Манчестер Сити

35. коло: Арсенал – Фулам, Евертон – Манчестер Сити

36. коло: Вест Хем – Арсенал, Манчестер Сити – Брентфорд, Манчестер Сити – Кристал Палас (заостанат натпревар)

37. коло: Арсенал – Барнли, Борнмут – Манчестер Сити

38. коло: Кристал Палас – Арсенал, Манчестер Сити – Астон Вила