Синер направи толкава предност што и да не игра на Австралија Опен, пак ќе остане прв

Јаник Синер синоќа на спектакуларен начин ја заврши најдобрата сезона во својата кариера, сезона во која освои две Гренд слем титули, се искачи на првото место на АТП листата и првпат триумфираше на завршниот Мастерс во Торино.

Лани во истиов период тој се наоѓаше на четвртата позиција  со безмалку 5.000 бода помалку од лидерот Новак Ѓоковиќ, а сега е првопласиран со околу 4.000 бода повеќе од Зверев и 8.000 повеќе од Ѓоковиќ кој ќе ја заврши годината на седмото место. Со актуелната ситуација на АТП листата, Синер не само што си обезбеди прво место на крајот од годината, туку сега е јасно дека таму ќе остане дури и да не игра на Австралија Опен.

Во Мелбурн тој ќе го брани трофејот освоен на почетокот од оваа година што значи дека брани 2.000 бода, но и ако не настапи, нема никакви шанси второпласираниот Александер Зверев или некој подолу да го стигне. И Германецот брани 600 бода во Мелбурн, а разликата меѓу нив изнесува точно 3.915 бода.

На третото место е Карлос Алкараз со заостанување од 4.820 бода зад Синер, а понатаму следуваат Тејлор Фриц, Данил Медведев и Каспер Руд.