
„Ролан Гарос“ го расплака Надал: Рафа стана бесмртен во Париз (ВИДЕО)
Славниот Шпанец дури 14 пати триумфираше на овој Гренд слем, рекорд кој тешко дека некогаш ќе биде соборен, а организаторите на турнирот денеска му приредија свечено збогување на својот крал. Во друштво на останатите членови од поранешната „голема четворка“: Роџер Федерер, Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ, Рафа излезе на теренот и низ солзи се прости од фановите кои две децении му даваа огромна поддршка.
„Ова е неверојатна приказна што започна уште во 2004 година, кога за првпат дојдов на Ролан Гарос. Едвај можев да одам поради повредата на стапалото. Но таа година се качив до врвот на трибините со патерици и гледајќи го теренот од горе, сонував дека ќе се вратам следната година за да се натпреварувам. Во 2005 година, конечно можев да се натпреварувам тука за првпат. Имав само 18 години. Моето прво големо искуство беше мечот против мојот другар од детството и ривал Ришар Гаске. Од тој ден целосно разбрав што значи Ролан Гарос.
Во овие дваесет години доживеав сè. Имав неверојатни ривали како Енди, Роџер и Новак. И секако, уште многу други кои ме туркаа до физичките и менталните граници. Навистина, ништо не може да се спореди со возбудата што ја донесоа тие долготрајни ривалства кои нè тераа сите постојано да се подобруваме секој ден.
По сите овие години борба за сè, неверојатно е како времето ја менува перспективата за сè. Новак, ти сè уште не знаеш – или можеби веќе знаеш, Енди сигурно веќе знае. Со Роџер имаме зборувано за ова неколкупати. Сите тие нерви, притисок, чудни чувства што ги имаш кога ќе се сретнеме како ривали… сето тоа е сосема поинакво кога ќе ја завршиш кариерата.
На крајот, сега сè се сведува на тоа да бидеме среќни за сè што постигнавме. На крајот, сите ние ги остваривме своите соништа. Станавме тенисери. Игравме на најважните сцени во нашите кариери. Мислам дека изградивме неверојатни ривалства, но на еден добар начин. Му покажавме на светот дека можеме да се бориме со сета сила, но истовремено да бидеме добри колеги и да се почитуваме меѓусебно.
И за мене, многу значи тоа што сите сте тука… Искрено, ми зададовте некои тешки моменти на теренот, но навистина уживав секој ден да ги поместувам границите за да се натпреварувам со сите вас“, рече, меѓу другото, Надал при своето обраќање.
Покрај теренот на кој оствари толку победи, поставена е плоча со неговото име и презиме, отисок од ѓонот на неговите патики и „Купот на Мускетарите“ по кој стои бројот 14, како алузија на бројот на освоени титули на Отвореното првенство на Франција.
фото: EPA photo