Новак Ѓоковиќ уште 15 месеци ќе ужива во епитетот - „крал на Вимблдон“!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе ужива во епитетот актуелен шампион на Вимблдон сѐ до јуни следната година, со оглед на најавите дека неофицијалното светско првенство воопшто нема да се одржи во 2020 година поради пандемијата со коронавирусот.

Се очекува организаторите на гренслем-турнирот во Лондон задутре и официјално да ја објават одлуката за целосно откажување на овој настан, кој требаше да почне на 29 јуни, како уште еден во низата спортски натпревари кои ќе останат неодиграни поради болеста Ковид-19.

„Апсолутно е нереалистично да се замисли дека покрај забраните за патување кои се актуелни речиси во сите светски држави би можело да се очекува илјадници луѓе да допатуваат за да настапат на Вимблдон. Тоа е незамисливо во моментов“, изјави потпретседателот на германската тениска федерација, Дирк Хордоф.

Фактот што овој турнир не може да се игра во друг период од годината, поради специфичните временски услови кои ги бара настапот на треба, реално е да се очекува тој воопшто да не се одигра. Тоа значи дека ланските победници, Ѓоковиќ во машка и Романката со македонски корени, Симона Халеп во женска конкуренција, ќе треба да ги бранат трофеите дури по 15 месеци.