Неочекувана исповед: Не сакав ниту да се сретнам со Ѓоковиќ, а не, пак, да му бидам тренер!

Најдобриот светски тенисер низ годините работеше со голем број тренери, но Словакот Маријан Вајда најдолго успеа да се задржи крај него, со што, секако, е и меѓу најзаслужните за сѐ што досега направи српскиот ас.

Тој за медиумите од својата земја откри дека до неговата соработка со популарниот Ноле дошло ептен случајно.

„Во пресрет на Роланд Гарос во 2006 година, една од тениските агенции ме праша дали би сакал да се сретнам со Ѓоковиќ во Париз. Не знаев многу за него тогаш, освен дека е 63. на АТП-листата. Не сакав да одам да преговарам за работа, туку донесов спонтана одлука да отпатувам само за да ѝ го покажам градот на мојата ќерка Наталија. Прифатив да се сретнам со Новак, кој на тој гренслем стигна до четврт-финалето и веќе на следниот турнир во Хертогенбош бев негов тренер“, изјави Вајда.

По 11 години соработка, Ѓоковиќ и словачкиот тренер „раскинаа“ во 2017 година, пауза која на двајцата добро им дојде. По само една година, тие сфатија дека заедно можат најмногу и дека Вајда е стручњак кој најдобро го разбира српскиот тренер.

„Толку долго работам со Ноле, што ова веќе не е работа на тренинг туку на доверба и на енергија. Тој чувствува дека има голема поддршка од мене. Исклучително важно е тренерот да биде ментално вклучен во секој меч, играчот да може да види колку тој е заинтересиран за крајниот исход. А, јас најчесто мислам дека сум на теренот заедно со него“, дополнува Вајда.