Надал откри зошто ги реди шишињата на секоја пауза и колку рекети искршил во кариерата

Рафаел Надал ќе остане запаметен како еден од најдобрите тенисери во историјата. Шпанецот има интересни ритуали додека ги игра мечевите. Почнувајќи од подготовката за сервирање па до редењето на шишињата за време на паузите помеѓу гемовите.

Надал во интервју за американската телевизија „Си-Би-Ес“ откри зошто го прави својот мал ритуал.

„Ако не знам што да правам со шишињата, тогаш тоа значи дека за време на паузите можам да мислам на нешто друго, а не на играта. Вака, ги редам секој пат исто, го повторувам тоа и ми стана навика и автоматизам. Така можам да се фокусирам на играта и на она што ме чека на теренот“, вели Шпанецот.

За разлика од останатите тенисери, Надал вели дека никогаш во кариерата не скршил рекет во нервоза.

„Ниту еден, нула. На почетокот на мојата кариера, родителите не ми дозволуваа да ги кршам рекетите. Подоцна, сфатив дека на тој начин само покажувам дека не владеам со емоциите“, додава тенисерот.