Мареј емотивно се распадна и со солзи ја соопшти најтешката одлука во кариерата!

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња и поранеше број еден на АТП-листата, Енди Мареј, најверојатно ќе ја заврши кариерата по завршувањето на претстојниот гренслем-турнир Австралија опен, откри самиот тој на емотивна прес-конференција.

Британецот ги шокираше сите со откривањето со колкави болки се соочува во последни време, поради кои му е тешко дури и да ги облече чорапите на нозете. Тој потенцира дека не може да ги надмине проблемите со повредите и дека турнирот во Мелбурн најверојатно ќе му биде последен.

„Веќе долго време не се чувствувам добро. Претрпев многу болка во изминативе 20 месеци. Направив речиси сѐ што можев за да го подобрам мојот колк, но ништо не помогна. Подобар сум во споредба пред шест месеци, но сѐ уште многу ме боли. Можам да играм на одредено ниво, но не на нивот на кое играв претходно. Мислам дека постои голема шанса Австралија Опен да биде мојот последен турнир. Сакам да го дочекам Вимблдон и таму да ставам крај, но не верувам дека ќе издржам уште четири или пет месеци со оваа болка,“, изјави расплаканиот Мареј.

 

Во својата кариера, тој освои три титули на гренслем-турнирите и вкупно 45 трофеи, а речиси една година беше на првото место на АТП-листата.