Калин Ивановски махерски триумфира во Франција, Ѓорческа елиминирана во Казахстан!

Калин Ивановски успешно го почна фјучрс-турнирот од серијата М15, кој се одржува на тврда подлога во францускиот град Кретеј. Како петти носител, македонскиот тенисер доби огромен отпор од Русинот Кирил Кивацев, за сепак слави со 2-6, 6-4, 7-6, по два часа и 22 минути игра.

Пресудниот трет сет, во кој Ивановски го комплетира пресвртот траеше 59 минути. Тој беше единствениот во кој ниту тој, ниту противникот не освоија противнички сервис, па мораа да се пресметаат во тај-брејк. Иако отвори со негатива од 0-2, Ивановски таму доминираше, освојувајќи шест мини-поени по ред за да го затвори со 7-3.

Претходно, првиот сет убедливо му припадна на Кивацев, со 6-2, во вториот Ивановски ја подобри играта на противнички сервис и создаде дури 10 брејк-можности, но реализира само две, за 6-4. Кивацев е на 639. место на АТП-листата, а уште послаб рејтинг има противникот на Калин во второто коло, 22-годишниот квалификант од Естонија, кој ја држи 779. позиција на светот.

Лина Ѓорческа не успеа да го мине првото коло на силен турнир во Астана, во Казахстан, од највисоката фјучрс-серија, W60, на кој има дури 11 учеснички рангирани од 100. до 200. позиција на ВТА-листата. Се соочи со осмата носителка, 28-годишната Нигина Абдураимова од Узбекистан (175. на светот), мина 105 минути на тврдата подлога и загуби во три сета, со 2-6, 6-2, 4-6.