Халеп по голема борба стигна до трофејот во Монтреал

Романската тенисерка Симона Халеп е победничка на Мастерсот во Монтреал, откако во финалето беше подобра од Американката Слоан Стивенс со 2-1 и тоа по голема борба од два часа и 32 минути.

Халеп брилијантно го почна дуелот и брзо направи два брејка предност, но Стивенс се врати набрзо во игра и израмни, па сетот мораше да се игра во тај-брејк каде што подобра беше Романката со 8-6.

Во вториот сет Американката направи веднаш брејк, но Халеп израмни. Сепак, Стивенс повторно изврши притисок и овојпат доминираше, па стигна до 6-3 во вториот сет.

Во третиот сет имаше многу возбудувања. Прво Халеп имаше водство од 2-0, па потоа Американката се врати и израмни на 2-2, но најдобрата тенисерка во моментов до крајот на сетот беше подобра и славеше со 6-4.