Ѓорческа запрена во осминафиналето на челинџерот во Порто

Македонската најдобра тенисерка, Лина Ѓорческа беше запрена во осминафиналето на челинџер турнирот во Порто откако попладнево беше поразена од Турчинката Ајла Аксу со 2-0 во сетови.

Турската тенисерка до победата дојде за еден час и 42 минути игра, а најголема борба видовме во првиот сет, додека во вториот Аксу доминираше.

Тргна добро Ѓорческа и прва направи брејк со кој поведе 2-1, но веќе во наредниот ја изгуби предноста. Во продолжение одново нашата претставничка прва дојде до втор брејк во деветиот гем за водство од 5-4. Сепак, до крајот Аксу двапати го одзеде сервисот на Лина за освојување на сетот со 7-5.

Вториот сет целосно ѝ припадна на противничката на Ѓорческа која со два брејка го доби сетот со 6-2 за конечна победа.