Шпанец од Премиер лигата е фаворит за нов тренер на Реал Мадрид

На Реал Мадрид не му оди ниту сезонава, откако минатата не освоија ниту еден голем трофеј, во оваа веќе испаднаа од  Копа дел реј, Барселона има предност во Ла Лига, додека во Лигата на шампионите ќе мора да играат бараж.

Пред две недели клубот се раздели со тренерот Чаби Алонсо и до крајот на сезоната неговата улога ја презеде Алваро Арбелоа, но ниту под негово водство резултатите не се подобрија и неуспесите продолжија да се редат.

Поради тоа, раководството на Реал интензивно бара звучно тренерско име кое од лето би ја презело екипата и би започнало нов проект. Како што открива познатиот инсајдер Патрик Бергер, изборот паднал на Унаи Емери.

„Потврдено е дека Унаи Емери е желба на Реал. Клубот веќе стапил во контакт со него. Шпанецот врши фантастична работа во Астон Вила и неговата работа таму остави силен впечаток кај челниците на Реал“, изјави Бергер.

Eмери во овој момент е под договор со Астон вила до летото 2029 година. Тренерската кариера ја почна во Валенсија, а целосна афирмација доживеа во Севиља, со која од 2014 до 2016 година освои три титули во Лига Европа по ред. Потоа со ПСЖ ги освои сите домашни трофеи во Франција, додека по краткиот престој во Арсенал, во 2020 година се врати во Шпанија и повторно ја освои Лига Европа, овојпат со Виљареал.