Македонски тенисер го подготвуваше Ѓоковиќ за „војната“ со Синер во Мелбурн!
Тој првично требаше да тренира на теренот број 16 од 18 часот по локално време, но поради временските услови, заедно со останатите тенисери се пресели во затворениот дел на Мелбурн парк. Иако не беше организирана медиумска придружба, на крајот следеше неочекуван пресврт. Наместо во Националниот тениски центар, Ѓоковиќ тренингот го одржа на 1573 арената, во близина на Маргарет Корт арената, а негов спаринг-партнер беше токму Јовановски, тенисер со македонско потекло кој оваа година настапи во второто коло на јуниорскиот турнир на Австралија опен.
Тренингот траеше околу еден час и не беше со натпреварувачки интензитет – не се играа поени – но Ѓоковиќ постави прецизни барања, како втор сервис со „кик“ и прв сервис по „Т-линијата“, што за младиот македонски тенисер претставуваше драгоцено искуство. За Даниел Јовановски, спарингот со еден од најдобрите тенисери на сите времиња претставува големо признание и значајно искуство во неговиот развој, особено на сцена како Австралија опен, најголемиот турнир во јужната хемисфера.
Полуфиналниот дуел меѓу Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер е закажан за в петок од 9.30 часот по средноевропско време. Италијанецот во овој меч влегува со серија од пет последователни победи против Србинот, што дополнително го зголемува интересот за претстојниот судир.