Ѓоковиќ треба да направи уште една егзибиција: Од прославата на „балконот“ право во Синсинати!?

Новак Ѓоковиќ ги навикна на чуда своите навивачи и љубителите на тенисот воопшто, но ќе треба да изведе уште едно такво идната недела ако сака да настапи на Мастерсот во Синсинати каде ја брани титулата од лани.

Турнирот во Охајо почнува в понеделник, а за вторник (13 август) е закажан свечениот пречек на српските спортисти кои освоија медали на Олимписките игри во Париз, пред фамозниот „Балкон“ на белградското собрание. Ѓоковиќ цел живот го чекаше златото од оваа манифестација и нема никакви шанси да го пропушти славјето со своите фанови кои сигурно ќе дојдат во голем број.

Сепак, со оглед на тоа што прославата се совпаѓа со стартот на Мастерсот во Синсинати, голема е веројатноста Ѓоковиќ да не патува во САД и покрај тоа што во моментов се наоѓа на листата на учесници на овој турнир. Постојат минимални шанси да стигне, со оглед на тоа што е слободен во првото коло, но за тоа треба веднаш по прославата со приватен авион да тргне за Синсинати и експресно да се подготви за првиот ривал што воопшто нема да биде лесно, меѓу другото и поради часовната разлика. Ждрепката за Мастерсот ќе се одржи в сабота и, ако претходно нема официјално соопштение, тогаш ќе се знае дали Ѓоковиќ планира да игра таму или не.

Ако, сепак, одлучи да не прави егзибиции, Ѓоковиќ ќе го дочека Ју-Ес Опен без ниеден одигран натпревар на тврда подлога. Гренд слемот во Њујорк почнува на 26 август, а титулата ја брани токму српскиот ас.