Револуционерни промени во ски-скоковите, се воведуваат - жолт и црвен картон!

Меѓународната скијачка федерација најави револуционерни промени во правилата за ски-скоковите, кои ќе важат од сезоната 2025/26. Ќе се користат жолти и црвени картони, со цел да се воведе поголема дисциплина по контроверзите кои го одбележале Светското првенство (СП) во Норвешка.

Жолтиот картон ќе значи дисквалификација од натпреварувањето на кое е забележан прекршокот, а доколку скијачот повторно ги прекрши правилата, тогаш ќе добие црвен картон.

Црвениот картон ќе значи суспензија од натпреварувањето во текот на целиот викенд, што значи барем две пропуштени шанси за освојување на бодови во Светскиот куп.

Федерацијата на ваков начин сака да покаже дека во иднина нема да толерира прекршоци, кои посебно се поврзани со опремата, откако на годинешното СП се случи скандалот со нровешките скијачи кои наводно користеле поинаква опрема за да добијат предност пред ривалите.

Овие промени се најавени како чекор кон поголема транспарентност и фер натпреварување во спорт кој со години се соочува со критики поради некои недефинирани правила.