Неверојатно: Ски-скокач се откажа од настапот на Планица поради - страв од висина!

Германскиот ски-скокач Филип Раимунд се повлече од натпреварувањето во Планица, Словенија, а како причина го наведе стравот од висина.

Чудно е како ски-скокач може да има страв од висина, но 24-годишниот Раимунд на социјалните мрежи објасни.

За разлика од обичните ски-скокови, тој има проблем со скијачките летови кои се одвиваат на поголеми скокалници и резултираат со поголема брзина и подолг лет. Тие им овозможуваат на спортистите постигнување на поголеми далечини, но носат и поголем ризик.

„Вообичаено не ми се случува овој проблем во текот на ски-скоковите, но од време на време се појавува, обично кога на програмата се подолгите ски летови. Се случува моето тело да реагира без да го контролирам. Па си велам подобро да не ризикувам“, објасни Раимунд.

Скијачката скокалница во комплексот Планица се нарекува и „Ридот на чудовиштето“ поради висината од 240 метри.

Раимунд е на 22. место во генералниот пласман во Светскиот куп во ски-скокови оваа сезона.