Петкратна олимписка шампионка и ген-сек на Рускиот олимписки комитет - побегнала!

Анастасија Давидова, петкратна олимписка шампионка во синхронизиано пливање е првото големо спортско име кое ја напуштило Русија, поради се позаострените мерки на мобилизирање на трупи во Украина.

Руската новинска агенција ТАСС ја објавила веста за 39-годишната Давидова, а нејзината менторка ја потврдила. Давидова ја напуштила Русија порачувајќи дека нема намера да се врати. Таа освојуваше пет златни медали на Олимписките игри во Атина 2004, Пекинг 2008 и во Лондон 2012, кога ја заврши кариерата на големата сцена и оттогаш постојано вршела некаква функција во Рускиот олимписки комитет (РОК).

Во моментов е генерален секретар на РОК, а побегнала без да даде објаснување некому во комитетот или, пак, да си поднесе официјална оставка од функцијата. Се погодува дека овој нејзин потег бил испровоциран од минатонеделното обраќање на претседателот на РОК, Станислав Поздњаков, во кое им порача на руските спортисти дека треба да бидат почестени ако бидат повикани да заминат на фронт, да се борат за Русија. Исто така, Министерството за спорт на Русија издало наредба да ја откажат работата на камповите за обука на руски спортисти во странство.

Давидова е првото позвучно име кое јавно е обзнаено дека ја напуштило Русија бегајќи од воено ориентираната политика, а светската јавност очекува уште вакви случаи.