Најстудениот град во „земјата на Дедо Мраз“ се кандидира за домаќин на ЛОИ 2032?!

Најстудениот град во Финска, Сала во Лапонија, регион познат по Дедо Мраз, ќе се кандидира за домаќин на Летните Олимписки игри во 2032 година, што е и еден вид на кампања за освестување на човештвото против глобалното затоплување.

Малото градче сместено северно од артичкиот круг, каде најниските температури од минус 50 степени целзиусови не се невообичаени, планира кандидатура. На промоцијата на кандидатурата, локалните власти признале дека е „луда идеја“, ама со сериозна порака.

„Нашата намера е јасна дека сакаме да ја сочуваме Сала таква каква што е – полна со снег и со студени зими. Така и се роди нашата идеја да се кандидираме за Лои 2032, да го организираме најголемиот спортски настан во најстудениот град во Финска. Ако ја добиеме кандидатурата, тоа ќе значи дека температурите продолжиле да растат“, рекол Ерки Паркинен, градоначалникот на овој град во Финска.

Сала се кандидираше со сите нишани, има лого, маскота, комплетна книга за организација, промотивни активности, униформи... ИОК за домаќинот на ЛОИ 2032 нема да решава пред 2025 година, а веќе желби за организација поднеле и Доха, Мумбаи, германскиот регион Рајне-Рур. Ако за нешто би биле среќни Финците е да ја изгубат битката за домаќин, а да победат во најважната битка – да го освестат светот против глобалното затоплување.

„Ако само седиме и молчиме, ако ништо не правиме, ако пуштиме глобалното затоплување да победи, тогаш ќе го загубиме идентитетот, ќе го загубиме градот кој го сакаме, како и многу други градови низ светот, кои ќе престанат да постојат. Нашите лета стануваат сѐ потопли, нашите зими се пократки и мора да ја зачуваме Сала таква каква што ја знаеме – ледена, ладна и снежна“, додава Паркинен.