Македонија доби уште двајца спортисти за ЛОИ во Париз – сега вкупно се шест!

Пливачката Ева Петровска и пливачот Никола Ѓуретановиќ најверојатно ја затвораат листата македонски претставници на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз (26 јули-11 август), откако денеска добија специјална покана од Светската пливачка федерација (ФИНА).

Никола ќе настапи на 27 јули во квалификациите за трката на 400 метри слободно, додека неговата колешка Ева во базенот ќе се појави точно на Илинден (2 август), кога ќе се обиде да даде се од себе во трката на 800 метри слободно.

Тие се петтиот и шестиот спортист со олимписка виза, со оглед што досега шанса за настап на спектаклот во Париз добија атлетичарот Дари Ивановски, борачот Владимир Егоров, како и Анастасија Мојсовска во дисциплина спортско стрелаштво и Мила Рељиќ, која неодамна стана европска шампионка во таеквондо.