У18 репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако во вечерашното финале ја совладаа Австрија со 98-88.

Мечот за титулата кој се одигра во „Борис Трајковски“ целосно помина во знакот на македонската репрезентација која беше во негатива само една минута. Австријците беа рамноправни во првото полувреме, пред се поради добриот шут за тројка, но во продолжение работите си дојдоа на своето место. Во втората четвртина нашите кошаркари ја стегнаа одбраната и на полувреме веќе имаа убедлива предност од 13 разлика (57-44).

Австрија се закани во третиот период кога се доближи на само пет поени негатива (54-59), но нашите играчи не дозволија пресврт и брзо се одлепија на двоцифрена предност која потоа не ја испуштија до последната минута од мечот. Се беше јасно на стартот од последниот квартал кога Македонија отиде на +20 (84-64).

Никола Јаничиќ одигра извонреден натпревар и со 30 поени беше најефикасен играч во нашата репрезентација, а Младеновски додаде 14 поени. Македонија ја освои титулата со максимални осум победи од кои само една, против Чешка, не беше изразена со двоцифрена разлика. Тоа најдобро зборува за моќта и доминацијата на оваа генерација од која има најмалку петмина кошаркари кои можат во иднина да бидат стандардни сениорски репрезентативци.