Ѓурчиновски го освои историскиот прв медал за Македонија на ЕП во билијард

Талентираниот Андреј Ѓурчиновски (15) донесе прв историски медал за македонскиот билијард, освојувајќи бронза во дисциплината „десетка“ на Европското првенство за играчи до 17 години, што се одржува во Подчетртек (Словенија).

Тој на патот до бронзата забележа пет победи по ред во конкуренција од 77 играчи од 32 држави, а само во полуфиналето беше поразен од домашниот фаворит и актуелен европски првак, Словенецот Макс Бенко.

„Денот беше напорен, но успеав да дадам сè од себе. Иако полуфиналето беше тешко, среќен сум што дојдов до медал, кој значи многу за мене и за нашата земја“, изјави Ѓурчиновски.

Ова е прв медал за Ѓурчиновски на неговиот четврти настап на континентално ниво. Во претходните настапи најдобриот негов резултат беше четвртфинале и делба на петтото место. Претседателот на македонската билијард федерација, Дејан Сипковски, ја истакна вредноста на успехот и го пофали континуираниот напредок на младите играчи.

„Резултатите на Ѓурчиновски и минатогодишниот успех на Ѓорѓиоски во сениорска конкуренција се плод на макотрпна работа. Андреј поседува врвна техника, а со повеќе меѓународни натпревари ќе стане уште поконкурентен. Верувам дека и тој и Илија Димовски, кој се натпреварува во категоријата до 19 години, ќе остварат уште добри резултати до крајот на првенството“, изјави Сипковски.

Европското првенство во Словенија продолжува до 22 јули, а билејардистите ќе се натпреваруваат и во останатите дисциплини, меѓу кои и „деветката“ како последна на програмата.