Малку фалеше за сензација: Италија спаси четири меч топки и со голем пресврт ја победи Јапонија

Репрезентацијата на Јапонија беше на чекор од сензација и голема победа против фаворизираната Италија, но одбојкарите на „Аѕурите“ успеаа да се вратат од 0:2 до 3:2 и да обезбедат пласман во полуфиналето.

Италија беше перфактна во групната фаза која ја заврши со три победи во исто толку натпревари. Поради тоа влегоа како големи фаворити во денешното соочување. Но, од друга страна налетаа на супер-разиграната Јапонија која го одигра дефинитивно најдобриот натпревар на олимпискиот турнир, иако заврши со елиминација.

Дека ќе им направат сериозни проблеми на Италијанците најавија со предноста од 12:20 во првиот сет кој на крајот го добија со пет поени предност (20:25). Вториот сет донесе уште поголема неизвеност, Италија беше блиску до изедначување и водеше со 23:25, но Јапонците со три поени во низа дојде до 2:0 во сетови.

Израмнетата игра продолжи и во третиот сет каде што Јапонија во финишот имаше дури три меч топки, а кога не ги искористи Италија го освои сетот со 27:25 и намали на 2:1 за останувае во игра.

Драма гледавме и во четвртиот каде што во завршницата се влезе со 24:24. Италијанците тука со два врзани поени успеаа да дојдат до 2:2 во сетови. Јапонија дојде и до една меч топка во одлучувачкиот сет, меѓутоа Италија се одбрани, а потоа и го освои сетот со 17:15 за конечен триумф и место во полуфиналето.