Македонската одбојкарска репрезентација не успеа да го запише првиот историски триумф на Европското првенство (ЕП), откако денеска повторно ги покажа слабостите од првиот меч и загуби од Турција со 0-3 во сетови, односно 20-25, 23-25 и 13-25.

Македонските одбојкари не го почнаа баш најдобро првиот сет, откако Турците поведоа со 3-0 на стартот. Македонија се обидуваше да се врати во игра, но противникот играше одлично, па стигна до шест поени предност на средината на сетот (16-10). До крајот на сетот играа сигурно, па ги искористија грешките на нашите одбојкари и го освоија сетот со 25-20.

Нашите одбојкари во вториот сет успеа да ја одржува предноста на своја страна (12-10), по што Турција направи пресврт и водеше со 15-14. Сепак, до крајот на сетот се водеше голема борба и токму грешките на македонските одбојкари ги користеше противникот за освојување на вториот сет со 25-23.

Во третиот, а воедно и последен сет немаше многу дилеми. Македонија по почетното водство од 3-1 западна во резултатска криза, па Турција со серија од седум поени буквално го реши мечот, па славеше со убедливи 25-13.

Македонија третиот меч на ЕП го игра утре против Русија од 17.30 часот.