Скапо ја плати храброста: Пол од борбата со Џошуа не може ниту да спие
Кон крајот на изминатата година Пол влезе во рингот против поранешниот светски шампион во тешка категорија, што беше најголемиот предизвик во неговата досегашна кариера. Иако во мечот влезе со голема самодоверба, Пол брзо ја почувствува разликата во сила и вештина.
Борбата заврши во шестата рунда, кога Џошуа го погоди со силно десно кроше, по што му ја скрши вилицата.
Веднаш по мечот, Пол заврши и во болница, каде што итно беше опериран. Во вилицата му беа вградени четири титаниумски плочки, а наредните седум дена мораше да биде на течна исхрана. И покрај тешката повреда, Пол не се откажува од боксот.
Минатата сабота тој се појави на боксерска приредба во Порторико, каде што Аманда Серано боксуваше против Реина Телез, а во разговор за „ДАЗН“ откри детали за текот на рехабилитацијата.
„Да, имам четири плочки во вилицата, но таков е овој спорт. Процесот на заздравување е малку тежок. уморен сум и тешко спијам, ќе легнам на перница и тогаш вилицата ми се поместува налево и се будам. Сепак, тоа беше неверојатна ноќ, научив многу, стекнав големо искуство и оваа година одиме на нови борби“, изјави Пол.