„Ѓаволите“ го потврдија заминувањето на Аморим и објавија кој ќе го замени!

Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед и официјално потврди дека Рубен Аморим повеќе не е тренер на клубот, наведувајќи дека промената е направена во интерес на резултатите во Премиер лигата.

Португалскиот стратег ја презеде клупата на „црвените ѓаволи“ во ноември 2024 година, а неговиот најзначаен резултат беше пласманот во финалето на УЕФА Лигата на Европа, одиграно во мај во Билбао. Сепак, моменталната позиција на клубот – шесто место во Премиер лигата – го натера раководството да реагира. Од „Олд Трафорд“ истакнуваат дека одлуката била донесена тешко, но со цел тимот да добие најдобра можна шанса за напредок и повисок пласман до крајот на сезоната.

„Клубот му се заблагодарува на Рубен за ангажманот и професионалниот придонес и му посакува успех во понатамошната кариера“, стои во официјалното соопштение.

До именување на нов тренер, Манчестер Јунајтед ќе го води Дарен Флечер, кој ќе биде на клупата веќе на следниот натпревар, в среда против Барнли.