Од депресија и психички проблеми до светскиот врв: Фјури го реши Вајлдер за ВБЦ титулата (ВИДЕО)

Тајсон Фјури се врати на светскиот врв откако утринава во Лас Вегас со технички нокаут му го нанесе првиот пораз во кариерата на Деонтеј Вајлдер и му ја одзема титулата во ВБЦ верзијата во супертешка категорија. 

Англичанецот беше поквалитетен, подобар и далеку подоминантен во текот на борбата, која заврши во седмата рунда. Вајлдер два пати се најде на подот во нокдаун, прво во третата, а потоа и во петтата рунда, пред неговиот агол да го фрли пешкирот во седмата рунда за борбата да прекине.

Оваа борба беше реванш по нивната прва пресметка пред 18 месеци во Лос Анџелес, која заврши нерешено. За Фјури ова е неверојатен кам-бек во рингот, откако ги имаше освоено сите титули по победата над Владимир Кличко. Популарниот „Џипски кинг“ потоа имаше проблеми со психичкото здравје, страдаше од депресија, се здебели, а се обидел и да се самоубие.

Боксот му го спаси животот откако реши да се врати во рингот и еве го повторно на светскиот врв. Сега следно можеби е борба со Ентони Џошуа за унификација на сите најважни светски титули во професионалниот бокс.

Професионалниот рекорд на Фјури сега е 30 победи, од кои 21 со нокаут и едно реми, додека Вајлдер има 42 победи, 41 со нокаут, еден пораз и едно реми.