
Голем успех за Македонецот: Трајковски освои бронза на Балканијадата во Грција!
Тој во исклучително силна конкуренција, го обезбеди третото место со скок од 7,77 метри, постигнат во последната серија. Првото место му припадна на домашниот фаворит и актуелен олимписки, светски и европски првак, Милтиадис Тентоглу, кој скокна 8,07 метри. Сребрениот медал замина кај Бугаринот Божидар Сарабујуков, актуелен светски првак во сала, кој оствари скок од 7,90 метри.
„Пресреќен сум што го донесов овој медал за Македонија. Ветерот ни создаде сериозни проблеми, но задоволен сум од резултатот. Со подобри услови, верувам дека можев да дојдам и до 8 метри“, изјави Трајковски по натпреварот.
Ова е уште еден одличен резултат во успешната сезона на Трајковски. Претходно, тој беше финалист на Европското првенство во сала во Апелдорн (Холандија), каде заврши на осмото место, а неодамна го освои и златниот медал на Европскиот екипен куп (Дивизија 3) во Марибор.