Боли, зашто се раѓа новата Македонија!

ВЛАДКО АРСОВ

Складиравме уште едно Европско првенство во спомените, повторно спакувано во етикета со 11. позиција. Таков е системот на ЕХФ. Во Полска пред две години имавме 4 порази и 2 нерешени, сега во Хрватска 2 победи, реми и 3 порази и – повторно сме на исто.

Во Данска пред четири години победивме еднаш и уште еднаш ремизиравме во првата фаза, другото се порази, па завршивме десетти. Очигледно не е многу кредибилна шемава на рангирање, ама од друга страна, пак, зарем е случајност што три првенства по ред шетаме по работ на европската топ-десетка?

Нека не е важна бројката, важно е што таа симболизира: Македонија нема кондиција да држи две рунди со велесилите.

Добрата вест е дека имаме капацитет да им чепнеме по некоја победа или некој бод од време на време, како со бронзената од СП, Словенија и актуелниот европски првак, Германија. Лошата вест е да требаше да играме повторно со нив во втората фаза, веројатно ќе поминевме слично како со Шпанија и со Данска.

Беше ли ова првенство неуспех? Мерна единица за тоа се очекувањата. Ако некој очекувал полуфинале или петто место на 10. јануари, тогаш потпишуваме капитулација.

Незадоволството што го чувствуваме е плод токму на одличната прва фаза, која ги потхрани желбите. Во тие моменти патриотски е да се верува во врвот, но патриотски е да им се пружи рака на момците и кога паднаа во небрано, речиси три натпревари без „првата виолина“, а дадоа се од себе.

И на ова ЕП Македонија имаше пехови и недостатоци, но има разлика во однос на некои други времиња. Овие се случуваа додека зрее новата генерација. Сега боли, зашто секое породување е болно, а на Македонија ѝ се раѓа новата генерација. Пред шест месеци на младинскиот Мундијал во Алжир, напаѓавме со Талески, Кузмановски, Велковски. Сега во Вараждин против Данска – повторно истите. Пред неколку години не можевме ни да го сонуваме тоа. Па нека имаат катастрофално полувреме со Данска или со Шпанија сѐ додека им се гледа жар во очите.

Важно е дека можат и уште поважно, дека сакаат да „крварат“ за државниот дрес. Грешките, падовите и полувремињата со минус двоцифрено, засега, им ги трансформираме во стаж. Без второто полувреме со Данска и шокот со повредата на Лазаров во првиот полчас со „Фуријата“, Македонија има 14-16 против Шпанците, 12-12 против Данците и 24-25 со Чесите. Тоа мора да вреди нешто кога доаѓа од момците, кои до пред три години беа гледани проѕирно и со недоверба да бидат носители на ерата после Кире Лазаров.

Добро и што имаме некакви. На крајот на краиштата, не треба да удриме по самарот, туку по магарето. Момциве се производ на она што се вложувало и што се работело во нив. До пред четири години немавме редовни учесници на младински првенства, собири и пријателски турнеи на повеќе генерациски нивоа, така што ќе го чуваме сатарот на судот за неколку години, кога треба да се соберат плодовите.

За селекторот...

Брилијантниот ракометен ум кој го качи Вардар на тронот на Европа блесна на моменти и во Загреб. Меѓутоа се виде и дебитантот селектор, кој, очигледно, се соочи со непредвидени предизвици. Клупата на Македонија не е од ист штоф како таа на Вардар, а менталитетот на ракометарите е од домашно производство, па мора добро да се запознае за да се повлечат неопходни потези, како на пример замена кога не ви оди...

Навлегувањето во какви било детали или анализи од конкретни ситуации ќе ги оставам за оние кои не мислат дека е претенциозно и дрско. Наместо тоа ќе констатирам дека целата репрезентација на Македонија личи на еден 22-годишник кој има потенцијал, кој допрва треба да се спознава себеси, но и ѓаволски да работи само за да остане на работа на оваа европска десетка. Зашто навистина ќе биде тешко после Лазаров, Миркуловски, Ристовски...

Само и тука има разлика. Тие наследија празнина и се бореа преку плевел од баражи и квалификации за да го видат сонцето на некое првенство. Новиве момци имаат привилегија да растат со Хансен и Ландин против себе. Затоа природно е да горат, но тој пламен еднаш мора и да блесне..