Унгарија ја победи Холандија и како лидер оди во втората фаза од Мундијалот
Во директниот дуел за првото место во групата Д, Унгарците ја совладаа Холандија со 36-32 и ќе пренесат три бода во следната фаза од Мундијалот што ќе биде исклучително важна во битката за пласман во четвртфиналето. Победата на Унгарија е апсолутно заслужена ако се знае дека оваа селекција водеше во најголем дел од мечот и буквално цело второ полувреме.
Во неколку наврати ги достигна највисоките +4, Холандија во финишот се доближи на само еден гол негатива, но во клучните моменти блесна голманот на унгарската селекција Палашич кој имаше две интервенции со кои ги откажа противниците.
Поради победата на Унгарија денеска, дополнително добива на значење пропуштената шанса на македонската репрезентација против овој ривал во првото коло од Мундијалот. Да ја задржеше предноста од еден гол што ја имаше во последната минута, Македонија ќе пренесеше два бода и во втората фаза ќе влезеше рамноправно со Унгарија и Холандија, а со тоа ќе си ги зголемеше шансите за евентуален пласман во четвртфиналето.
Од вечерашните натпревари, за издвојување е поразот на Хрватска од Египет со 24-28 поради што африканската селекција како првопласирана и со четири бода оди во втората фаза.
РЕЗУЛТАТИ
Египет - Хрватска 28-24
Унгарија - Холандија 36-32
Норвешка - Португалија 28-31