Светскиот првак го сотре стомачен вирус: Среќни сме што Хансен почна да зборува!

Светскиот ракометен првак Данска се соочува со огромни проблеми откако целата репрезентација ја нападна стомачен вирус, па селекторот Николај Јакобсен, не знае ни со кого вечерва ќе игра против Хрватска во последниот меч од групите во втората фаза.

Данска веќе обезбеди четвртфинале на Светското првенство во Египет, па пресметката со Хрватска им нема некакво значење, за разлика од Хрватска која мора да победи, но претходно Катар од 18 часот да ја победи Аргентина. Стомачниот вирус кој се појави во данската селекција, според зборовите на Јакобсен ја зафати скоро цела селекција, а најтежок случај е првата ѕвезда – Мика Хансен.

„Хансен баш лошо го погоди оваа вироза. Ниe дури и сме среќни што тој воопшто почна да зборува. Далеку е од приближно оптимална состојба, а храна не може ни да поднесе“, вели Јакобсен.

Мика Хансен, Јохан Хансен, физиотерапевтката Ања Греве биле први кои го закачиле вирусот, а потоа и Мадс Менсах, Мортен Олсен, Ласе Андерсон, кои покажале симптоми, но играа против Јапонија пред два дена...

„За жал, вакво нешто кога ќе влезе во тимот многу брзо се шири. Ужасно е и иритантно. Се трудиме да се чуваме колку е можно и да не се дружиме меѓусебно, но немаме доволно соби за секој поединечно да биде изолиран. Сега е приоритет што повеќе играчи да закрепнат до четвртфиналето, а не знам колку ќе бидат способни да играат со Хрватска. Имаме ситуација во која Симон Халд и Матијас Гидсел не сакаа да излезат од хотел за да бидат поблизу до тоалетот. Скоро сите во селекцијата по малку мораме во тоалет. Сѐ повеќе е заразени или со симптоми“, додава Јакобсен.