„Среќни сме што изборивме опстанок, макар и на необичен начин!“

Челниците на ракометната бундеслига и клубовите ја донесоа одлуката која се очекуваше – сезоната во најпопуларното ракометно првенство е завршена на зелена маса, наместо на терен и затоа состојбата на табелата во моментов стана конечна. Тоа значи Кил е нов првак, Фленсбург како втор ќе игра во ЛШ, а од петте Македонци најмногу искористи Мартин Томовски. Неговиот Лудвигсхафен беше претпоследен и на пат да отпадне во Втора лига, но поради вонредната состојба – никој не отпаѓа.

Вака или онака, Лудвигсхафен ја оствари целта, остана во елитното друштво во Германија, кое следната сезона ќе брои 20, наместо 18 екипи. Вели дека владее добра атмосфера и желба клубот да се врати во нагорни патеки по тешката корона-криза.

„Имавме цел за оваа сезона да избориме опстанок во најквалитетната Бундеслига и, еве, успеавме во тоа, иако на еден необичен начин. Се надевам дека клубот ќе се консолидира од оваа криза, која беше тешка за сите и од следната сезона ќе продолжиме уште подобри. И ние бевме еден од клубовите кои беа погодени од финансиските последици, токму затоа и јас и моите соиграчи се согласивме на кратење на платите, а директорката на клубот правеше се, организираше настани за да ни обезбеди подобра иднина“, вели Томовски.

Потпиша за клубот минатата пролет, кога повторно се случи чудо за Лудвигсхафен да опстане во Бундеслигата. Резултатите од последното коло, иако неверојатни, се наместија како што одовараше за Томовски во август да дебитира во најпопуларната лига во светот. Се прикажа во добро светло, а самиот вели може и подобро.

„Можам да речам дека сум задоволен, ни премногу, ни премалку, некоја средина. Секако, секогаш може подобро, кон тоа ќе се стремам следната сезона. Се надевам дека ќе ја преземам првата голманска позиција. Кога почна сезоната ја делевме минутажата со мојот колега, потоа тој, за жал имаше проблем со повреда, па јас добив поголема шанса. Како решение клубот го донесе Горазд Шкоф, еден многу познат голман. Од него научив многу, ми помогна и мене и на клубот“, додава Томовски.

Денеска го најдовме по домашниот тренинг, дури и на денот кога им соопштија, практично, дека немаат повеќе обврски. Сепак, тоа е важно зашто значи дека нема повеќе приправност, исчекување, туку може да се врати во Скопје и тој и останатите четворица наши интернационалци: Талески, Кузмановски, Пешевски и Миркуловски.

„Постојано сме во контакт со сите македонски ракометари кои настапуваат во Германија. После оваа вест денеска сега сигурно дека ќе планираме враќање во Македонија, ќе видиме како и на кој начин. Дали ќе извадиме карти или со хуманитарен лет, ќе решиме дополнително“, информира голманот.