Неагу даде 13 гола, но попусто - Романија на колена пред Чехинките!

Вториот осминафинален ден на Светското првенство за ракометарки, во Германија, почна уште повозбудливо од вчерашниот, со едно изненадување и еден инфаркт-натпревар, по кои Чешка и Русија се промовираа во патници меѓу најдобрите осум.

Чешка го направи најголемиот успех на Светските првенства пласирајќи се во четвртфиналето во Германија и тоа преку силната репрезентација на Романија. Чехинките славеа со 28-27 и тоа откако губеа со пет разлика во првото полувреме, а на паузата имаа негатива 13-17. Не успеаја да ја запрат најдобрата ракометарка на светот во последниве две години, Кристина Неагу, која постигна дури 13, голови, но главната цел ја остварија. Јерабкова постигна седум, а Лузумова шест гола.

Во четвртфиналето Чешка ќе се соочи со репрезнтацијата на Русија, која за малку ја одбегна судбината на Романките. Олимписките шампионки славеа со 36-35 против Јужна Кореја, откако основните 60 минути завршија 30-30. Водеа цел натпревар, но во финишот се доведоа во позиција да се спасуваат од пораз, па некако погодија за реми. Сепак, во продолженијата постојано имаа контрола над резултатот и ги совладаа Корејките. Ведехина ги водеше Русинките со девет гола, а кај Јужна Кореја главни имиња беа Ли со 11 и Риу со 10 гола.

Втората четвртфинална двојка ќе ја состават победниците од Јапонија - Холандија и Шпанија - Норвешка. Досега во четвртфиналето се сместија Црна Гора - Франција и Шведска - Данска.