„Македонските ракометари се ниски, но одлично координирани“

Унгарската ракометна репрезентација денеска официјално отпатува кон Вараждин каде ќе биде дел од групата Д на Светското првенство, заедно со Македонија, Холандија и Гвинеја.

На прес-конференцијата пред заминувањето, зборувше селекторот Чема Родригез кој, меѓу другото, се осврна на репрезентација на Македонија кој е прв противник на Унгарија на Мундијалот. Иако Унгарците се фаворити не само во оваа група, туку воопшто за висок пласман на првенството, селекторот повика на внимание пред првиот меч.

„Македонските ракометари се ниски, но одлично координирани, агилни и одлично ја движат топката. Мораме да излеземе повисоко, да ги притиснеме и да ги браниме одблиску, како што вежбавме против Србија. 

Првиот натпревар е многу важен, ако победиме, ќе ни се крене самодовербата, ако загубиме, влегуваме во една негативна спирала и потоа е тешко да се влезе во ритам. Селекторот на Македонија, Кирил Лазааров ми е добар другар и врши одлична работа за што најдобар доказ беше подготвителниот натпревар против Хрватска“, рече Родригез.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија се игра в среда од 20:30 часот. Во второто коло нашата селекција се среќава со Холандија, а по се изгледа за втората фаза ќе се бори со дебитантот Гвинеја.