Велковски се враќа во репрезентацијата на Македонија

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац, направи промена во списокот со ракометари кои ги планира за ЕХФ-неделата во ноември.

Повратник во националниот А-тим е десниот бек, Мартин Велковски, новиот ракометар на Еурофарм работник, кој до минатата сезона го носеше дресот на Металург.

Велковски се повреди уште на почетокот на минатата сезона, имаше операција и долга пауза, но сега се врати на терените како играч на Еурофарм, па ќе добие шанса и во репрезентацијата. За него се отвори место, всушност, откако Мартин Серафимов заработи повреда и го откажа настапот во ЕХФ-неделата.

Неговата повреда не е сериозна, но пожелно е да мирува, бидејќи Металург не сака да ризикува поголема беља на помалку од еден месец до натпреварите во ЕХФ-купот, со Горење (16 ноември и 23/24 ноември).

Велковски веќе има солидно репрезентативно искуство, а најмногу се истакна во принудни услови, на ЕП 2018, во Вараждин, кога Кире Лазаров се повреди, а тој ја презеде одговорноста како прв десен бек. Овој пат како партнер на оваа позиција ќе го има и Томи Јагуриновски.

ЕХФ-неделата ќе се одвива од 21 до 27 октомври, период во кој Македонија ќе одигра пријателски средби против Турција, против Грузија и против Италија.