Ваква Македонија е резултат на брзоплета стратегија правена преку телефон!

Долгогодишниот „министер за одбрана“ во македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски, за ова Светско првенство остана во Скопје. Километрите нема да му ја намалат возбудата на секој натпревар на неговите колеги, во Каиро, само што наместо дресот на Македонија, овој пат ги брани боите на Спорт1.

Борко е нашиот стручен аналитичар, кој со малку поекспертски очи ни ги доловува настапите на нашата репрезентација во Египет.

 

Навистина на ова Светско првенство е неблагодарно да се биде стручен аналитичар, гледач...коментатор.

Колку и да се трудиме сите да им дадеме поддршка, мислам дека сите кредити се потрошени, а кога велам потрошени, најмалку мислам на играчите.

Играчите се тие што се, меѓутоа да биде изговор за ваков дебакл промената на генерации, мислам дека не држи вода. Колку што пратам на ова СП и Шведска дојде без осум стандардни репрезентативци, па на крајот видовме како заврши тој натпревар.

Нашата генерална стратегија е погрешна од самиот старт. Мораше порано и многу повнимателно да се прави таа замена на генерации. Брзоплетите стратегии направени во најголем дел преку телефонски јавувања ви носи токму ова што денес го гледаме на ова СП.

ЗА ЖАЛ!

Што се однесува до денешниот натпревар мислам дека уште на самиот старт се виде дека немаме шанси за победа на овој меч и веќе после првите десет минути, Русија ја имаше победата во своите раце. Не покажавме никаква борба, никава желба да пробаме барем да го добиеме овој натпревар. Не функционираше баш ништо во нашиот тим и само и само со огромна среќа и опустање на руската репрезентација, резултатот не бесе сличен како против Египет.

Знаци на живот и некава светла точка во нашата репрезентација беа Серафимов, Ѓоргиевски и Кузмановски. Меѓутоа сѐ тоа е премалку. Премалку за да се победи според мене досега најслабата репрезентација на Русија кај која верувајте, со исклучок на три играчи, за останатите првпат се сретнувам со нивното име и прв пат ги гледам.

Затоа треба сериозна и ПРОФЕСИОНАЛНА анализа на целово СП од компетентни луѓе наместо да ги ставаме нашите проблеми под тепих. Кога само би ја погледнале клупата на Унгарија да речеме - таму можете на клупа да сретнете великани од типот на Ласло Наѓ, Чема Родригез, кај Германија Оливер Рогих итн...

Додека кај нас е кој? Тоа е жалната ситуација во мак-ракометот. Сега останува да се одбрани честа на последниот натпревар против Белорусија . Честа на македонскиот наионален дрес, честа на македонскиот ракомет, честа на Македонија!