Тие ни се стални муштерии на Мундијалите: Досега Македонија - Азија 4-0!

Азиските репрезентации не котираат многу високо на ракометната мапа на светот, меѓутоа има(ло) по некоја што може да изненади европски тим или барем да биде на пристојно ниво, пласирајќи се околу 10. место на СП. Сепак, во досегашните пет учества на Мундијалите, Македонија немала проблеми со Азијците.

На пет Светски првенства Македонија досега играла со четири репрезентации од Азии и четири пати победила. Впрочем, македонскиот настап на светската сцена почна токму со победа против екипа од Азија, на Мундијалот во Египет 1999, кога ја совладавме Саудиска Арабија со 28-21. 

По 10 години пауза, следуваше СП во Хрватска, кога остваривме вкупно четири победи, од кои последната против Јужна Кореја, со 32-31, за пласман на деветтото место. Во Шпанија 2013 се соочувме со Катар во групната фаза, тогаш уште не толку силен како на собирот во нивната земја две години подоцна и го добивме со 34-30.

А кога игравме во нивната престолнина Доха во 2015, во групата ни се падна Иран. Бидејќи првенството го почнавме со убедлива победа над Тунис, со осум разлика, очекувавме слично да биде и со Иран, сепак поминавме поскромно, со 33-31.

Со Јапонија никогаш не сме играле, но затоа сега имаме шанса да направиме пет од пет против Азијците. Натпреварот почнува денеска, во 15.30 часот.