Тешка група за ракометарките до 20 години

Македонската репрезентација за ракометарки до 20 години доби тешка група во квалификациите за ЕП 2018, во Унгарија.

Нашите надежи ќе играат во групата 4, со Германија, Исланд и со Литванија, а место на ЕП ќе има само првопласираната репрезентација во групата. Ќе се игра турнирски, од 23 до 25 март 2018 година, а домаќините на турнирите на седумте групи дополнително ќе бидат потврдени.

Приоритет да го организираат турнирот добија селекциите од третиот ред, во нашиот случај Исланд, а ако тие отстапат, следна е Германија, па дури потоа Македонија.

Наша несреќа е што не сме извлечени во некоја од групите 1 или 2, каде што на ЕП се пласираат првите две селекции. Загарантирано место веќе имаат Франција, Русија и Данска, како три најдобри селекции од претходниот евро-шампионат на оваа генерација и Унгарија како домаќин. Првенството ќе се игра од 1 до 15 јули.