„Светското првенство за Македонија 'ќе почне' по мечот со Бахреин!“

И ова Светско првенство, како и на неколку претходно, стручен аналитичар на Спорт1 е поранешниот слектор Стевче Стефановски. Го поздравува победничкиот старт на Мундијалот, меѓутоа посочи и на неколку моменти кои препорачливо е да се поправат ако сакаме успех во иднина.

За младите ова СП може да значи многу, да ги користиме повеќе

Конечно после долги години замерки за Прибак, селекторот направи рез. За жал го немаме ни Миркуловски, меѓутоа имаме неколку нови млади ракометари, а тоа е многу значајно, бидејќи ова Светско првенство ќе биде искуство големо искуство за нив за понатаму. Друго, околу изборот на играчи, ептен во око ми падна тоа што имаме едно лево крило во Минхен. Во случај на повреда или на некоја казна може да се најдеме во проблем. Не знам кој играч би бил негова замена во таква ситуација. Тоа би била единствена замерка околу составот. Секако, загуба е отсуството на Миркуловски, но имаме капацитет да го надополниме. Талески, Кузмановски се тука, не се толку млади, веќе имаат искуство, а имаат и поддршка од Лазаров, Стоилов, Борко...

Околу натпреварот, не ми се допаѓа тоа што играме само со седум-осум играчи, а допрва ни следуваат најважните натпревари со Хрватска, Шпанија и со Илсанд. Затоа треба што е можно повеќе а се заштедат силите и да се заштитат играчите од можни повреди. Не знам која е причината што на 10-тина разлика со Јапонија не внесовме помлади играчи, тие со тоа ќе можат да се размрдаат, да го почувствуваат „барутот“, што се вели, тоа би било многу корисно на долги патеки.

Друго нешто што ми остана во очи е фактот дека при 20 одбрани од Борко, ние примивме 29 гола – не знам каде беше одбраната. Накратко речено, многу опасно ќе биде ако оваа игра во одбрана ја имаме и во следните натпревари. Тоа би било сериозен проблем.

Околу нападот „7 на 6“, Дагур Сигурдсон не можеше да се брани, да се снајде, но прашање дали ќе можеме така и со посилните репрезентации. На пример Лино Червар е експерт за таа тактика. Немаше потреба цело покувреме да играме таков напад кој многу троши, притоа без да им дадеме шанса на некои помлади играчи. Јас лично ќе бев многу позадоволен ако победевме со 3-4 разлика, ама во второ да им дадевме шанса на уште 3-4 играчи, да влезеше можеби и Никола Митревски и тој да го добие чувството.

Мундијалот за нас ќе почне по Бахреин

Бахреин ќе биди една мерна станица за нас, до каде сме со воигрувањето на младите и искусните. Мислам дека Раул нема да верува во младите играчи и овој пат, а можеби би требало. Можеби токму некој од тие играчи ќе блесне. Ако сакаме во првите три да влеземе ќе мора да се соочиме со уште многу предизвици, со силни репрезентации како Хрватска, Шпанија и Исланд. Со Бахреин не смееме да влеземе во некква трка, мораме да играме паметно и да штедиме сили, зашто Светското првенство за нас ќе почне после Бахреин.