Сѐ е под конец во Каиро, Македонија дури и тренираше

Македонската ракометна репрезентација доцна се приклучи во „меурот“ во Каиро, каде што се сите репрезентации учеснички на Светското првенство, но и покрај тоа го фати редот и веќе се подготвува за вечерашниот (20.30) дуел со Шведска.

Македонската експедиција пристигна доцна синоќа, меѓутоа немале можност веднаш да одморат од патувањето, туку морале да го следат протоколот. Прво тестирање во автобус, потоа уште едно во хотел, така што ноќта во Каиро била кратка.

Она што е добра вест е дека утрово претпладнево Македонија тренирала, барем колку да не биде дека вечерашното излегување на паркетот ќе биде сефте во египетската престолнина. На Данило Брестовац останува да ги одреди 16-те ракометари со кои ќе се спротивстави на Шведска, односно четворицата кои ќе отпаднат.

Исто така, вреди да се спомене дека сите тестови на репрезентацијата биле негативни, па компликациите од тој аспект ќе ја одминат Македонија.