Сѐ дур ги држиме главите во песок ко ној - не заслужуваме подобро!

Миленикот на ракометната публика, Борко Ристовски, е колумнист на Спорт1 за време на Светското првенство (СП) во Полска и Шведка. Пред и по натпреварите ги изнесува своите впечатоци и ставови, пофалби и критики за нашите ракометари во желба да им понудиме еден поинаков агол на нашите читатели.

Не знам како поинаку да почнам освен со зборовите: о боже каков атомски ракомет. На каков ракометен спектакл бевме сведоци против репрезентацијата на Јужна Кореја. Играме брзо, организирано...секој чекор е претходно испланиран, полуконтра како што никој не игра. Стабилен и сигурен напад...гранитна одбрана. Сè ова убаво звучи, нели? Сите би сакале ова да се суперлативи што со гордост би ги користеле за нашата репрезентација, но за жал суровата вистина е сосема поинаква.

Нашата реалност е дека со вака поставена игра, ваков систем и со однос селектор-играчи, кој се заснова на дерење, пцуење и, во крајна мера, повикување во соба на играчи и убедување за потпис во клубот каде што тренер е селекторот, повеќе и не треба да очекуваме...а можеби и не заслужуваме. Нашата реалност е дека со Јужна Кореја се мачевме цели 55 минути. Со Јужна Кореја моја мила Македонијо! Што ќе каже дека пред нас се еден куп светски „велесили“ од типот на Бахреин, Аргентина, Белгија, Зеленортска Република, Иран, САД... Што повеќе да кажеме за нивото каде што во моментов се наоѓа нашиот спорт број 1.

Ако малку обрнеме внимание за тоа што се случува по завршувањето на ова СП кај некои репрезентации, заедничко кај сите е што сите се некако незадоволно од својот пласман. Србија, иако одигра сосема солидно, јавноста бара одговорност и повеќе од својот селектор. Хрватска најави отказ за својот селектор. Црногорскиот си поднесе ставка, иако се далеку над нас со пласман, а полската федерација најави отказ за нивниот предводник. Сите некако се незадоволни, од проста причина што знаат дека можат повеќе. И логично е да барате и очекувате повеќе, затоа што само така може да се оди напред. А кај нас...

Кај нас очај, беда... Селекторот се фаќа за промена на генерации (невистина), секојдневно одредени играчи му се виновни за неуспехот. Лигата била слаба, небаре Исланд, Словенија, Шведска имаат сериозно јаки лиги, но тоа се само показатели дека за некого ништо не е свето и веројатно чувствуваат дека репрезентацијата е приватна своина. Одредени луѓе му фрлаат „чамци за спас“ и пробуваат да го минимизираат овој катастрофален настап. Никаде самокритика, никаде одговорност, никаде чувство за самопочит и сенс кога е време гордо и со главата горе да се замине.

Ова се само дел од причините зошто се наоѓаме онаму каде што сме – на дното. Единствено Саудиска Арабија и уште неколку се позади. Тоа е нашата реалност Македонија. Сè додека ги држиме главите во песок како ној, не зборувам за спорт, туку генерално, ќе ни се случуваат вакви порази. Порази кои не се само ракометни, туку се општествени. Да имавме здраво општество, кое само по себе ќе ги уфрла најдобрите, а истовремено ќе ги исфрла „лошите“ во некоја фела, сега конкретно ракометот, ќе бевме на поинакво ниво. Спортот ќе беше место каде што сите зaедно ќе се радуваме или тагуваме, а вака...

Сакам јавно да се заблагодарам на сите играчи кои на ова СП го дадоа својот максимум и цели 40 дена беа на подготовки и жртвуваа дел од себе да бидат што е можно подобри. Наклон до земја момци! Сè ќе дојде на свое место, порано или подоцна.

Дотогаш...можеби и не заслужуваме подобро.