Кире Лазаров го имаше првото појавување во Македонија на должност како селектор на ракометната репрезентација. Денеска точно напладне беше официјалниот почеток на собирот за претстојната ЕХФ-недела, во која нашата репрезентација ќе одигра два меча со Данска.

Сепак, ова е многу повеќе од „само“ квалификациски двомеч и македонските фанови сакаат да го толкуваат како една нова почетна точка во развојот на нашиот ракомет. Со Кире Лазаров како ракометар почна приказната за неговата генерација, а со Кире Лазаров како селектор треба да продолжи во посветла иднина.

Рамо до рамо со него денеска во хотелот „Александар Палас“ застанаа Бранко Ангеловски и Билјана Црвенковска, половина од неговиот стручен тим. Другите двајца ќе дојдат по завршувањето на викенд-обврските во Германија, Ацо Јоноски и Филип Миркуловски, со улога на тренер-играч.

Истото важи и за уште неколку македонски репрезентативци, кои имаат натпревари во своите клубови денеска или утре, така што целосното комплетирање на репрезентацијата ќе биде в понеделник, на 8 март. Тоа ќе му остави неполни три дена на селекторот Лазаров и неговиот стручен тим да се подготват за натпреварот со Данска в четврток, во 20 часот. Реваншот е три дена подоцна, во Алборг, на 16 часот.