Сега се знае „црно на бело“: Ако некој се откаже, Македонија оди на СП во Египет!

Квалификациската сага за Светското ракометно првенство во Египет (13-31 јануари) доби административна разврска и комплетниот состав на учесниците е познат, меѓутоа пандемијата со Ковид-19 многу лесно може да доведе до откажување на некоја репрезентација, а во таква ситуација - Македонија оди на Мундијалот. 

Досега такво нешто можеше да се прочита само во македонските медиуми, одејќи по здравата логика, дека нашиот национален тим е најдобро пласиран од последното Европско првенство (Австрија, Шведска и Норвешка 2020), кој не е меѓу учесниците. Меѓутоа сега веќе имаме црно на бело дека сме прва резерва за пласман на Мундијалот, бидејќи Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) го објави тоа.

Светската ракометна „влада“ изработи протокол за однесување на сите актери вклучени на Светкото првенство, во кој се обидела да предвиде повеќе сценарија, а едно од тие е што ако некоја земја учесничка поради Ковид-19 не може или не смее да учествува на Мундијалот. Во таква ситуација постои „листа на чекање“, а таму Македонија е прва.

Зад нас е Швајцарија, потоа Холандија, Црна Гора, Украина и Србија. Тоа се, практично, репрезентациите пласирани од 15. до 20. место на последното ЕП. Овој принцип на приоретизирање требаше да биде практикуван и за „вајлд-картата“ која му беше доделена на Чиле, ако се следеа регулативите на ИХФ во целост, но откако Јужноамериканците не успеаја да организираат турнир, ИХФ инсистираше административно да одбере учесник, наместо да се сврти кон Европа, како што налагаа прописите.

Сега останува да чекаме дали некој од учесниците ќе има заболени, ќе биде спречен од законите во својата земја или на некој друг начин нема да може да учествува на СП 2021, што ќе значи повик за Македонија. Нашата репрезентација не ни доби шанса да се бори за пласман на ова СП, бидејќи предвидените баражи, во кои требаше да играме против Франција, беа регистрирани со административни победници, согласно пласманот од последното ЕП.