Сѐ е подготвено за „Трофејот Македонија“ - женската селекција ќе има три силни теста!

Охрид оваа недела ќе биде центар на македонскиот ракомет затоа што покрај стартот на ракометниот караван на РФМ, ќе се одржи и „Трофејот Македонија“ во женска конкуренција.

Во нашиот туристички бисер ќе гостуваат три квалитетни репрезентации со кои македонскиот национален тим ќе има можност да спарингува и да собира искуство.

„Турнирот во Охрид ќе се одржи по повеќе од една деценија, а иако немавме многу време за подготовки, успеавме да средиме се што треба и ќе ни гостуваат Египет, Тунис и Грција. Сметаме дека ова е добар настан кој ќе придонесе многу за она што сакаме да го изградиме во женскиот ракомет и ќе бидат добра подготовка за женската репрезентација која во октомври ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2026 година. На 16 октомври играме со Германија во Гумерсбах, а три дена подоцна во Битола ја пречекуваме Словенија“, посочи денеска претседателот на РФМ, Александар Стефановски.

Турнирот се одржува од 18 до 20 септември, Македонија во првото коло ќе се сретне со Тунис, во второто со Египет, а во третото со Грција.