Реал во опасност да му се случи дебакл каков доживеал само два пати во 21. век

Иако во сезоната и кошаркарскиот и фудбалскиот тим влегоа со високи амбиции и нови тренери, Реал Мадрид е многу блиску да доживее тотален дебакл на сите полиња.

Откако кошаркарите вчера загубија од Олимпијакос во финалето на Евролигата, остана само уште една можност „кралскиот клуб“ да се закити со трофеј во 2026 година. Тоа е преку домашното првенство, односно АЦБ лигата каде Реал ќе влезе како фаворит и лидер на табелата, но без центар бидејќи сите тројца се повредија во претходните три недели и нема да играат до крајот на сезоната. Претходно, кошаркарскиот тим загуби од Басконија во финалето на Копа дел Реј и од Уникаха во финалето од Суперкупот.

Фудбалскиот клуб веќе ја заврши кампањата без трофеј откако во Ла Лига го освои второто место, во Копа дел Реј испадна во осминафиналето, во Суперкупот загуби од Барселона во финалето, а во Лигата на шампионите доживеа елиминација во четвртфиналето од Баерн. 

Ако кошаркарите не успеат да ја одбранат шампионската титула во домашното првенство, тоа ќе биде трет пат во 21. век, Реал да не освои ниеден трофеј во една година. Последниот пат такво нешто се случи во 2010 година, а претходно и во 2006 година кога од претседателската позиција си замина Флорентино Перез.