„Сакаме да изградиме систем што ќе функционира и тим што пожртвувано ќе се бори за Македонија“

Македонската ракометна репрезентација продолжува со подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП), а селекторот Кирил Лазаров кажа дека наскоро ќе го соопшти конечниот список на патници на натпреварувањето.

Лазаров посочи дека треба да бидат претпазливи при изборот на ракометари за настап на турнирот.

„Ни остануваат уште неколку дена пред патот во Швајцарија. По Швајцарија одиме директно во Данска каде што ќе имаме уште три-четири дена до почетокот на Европското првенство.

Со оглед на здравствената состојба која ја имавме и ја имаме треба да бидеме претпазливи и не треба да брзаме со конечниот список. Треба да поминат уште овие неколку дена и да ги направиме последните тренинзи, по што ќе одлучиме кои ќе бидат патниците во Данска.

Пред повеќе од два месеци решивме дека ќе патуваат 19 ракометари за предизвиците кои ни престојат на ЕП. Задоволен сум од подготовките, имаме позитивна атмосфера која треба да ја задржиме. Задоволен сум од тоа што сработивме во изминатиот период. Ќе имаме многу контролни натпревари, ќе се обидеме да ја подобриме формата“, посочи тој.

Тренерот на македонските ракометари кажа дека се обидуваат да изградат добар систем кој ќе функционира.

„Македонија е мала земја, па изборот на играчи е најмал од сите репрезентации, но ние треба да создадеме добар колектив, добар систем кој ќе функционира, каде што слабостите ќе треба квалитетно да ги покриеме и да бидеме добри. Имаме и добри страни кои треба да ги искористиме максимално. Задоволен сум, се обидуваме да направиме добра хемија и да функционираме како тим. Да живееме за предизвиците кои ни престојат, се надевам дека ќе имаме пожртвувана игра за Македонија. Чест, светост и гордост е да се носи националниот дрес. Ние немаме поединци кои ќе можат да изнесат едно големо натпреварување и мора да функционираме како тим.

Подготовителните натпревари се против квалитетни противници и ќе биде одлична шанса за помладите ракометари кои имаат мала шанса, па се надеваме дека ќе ги внесеме во некоја оптимална натпреварувачка форма“, кажа Лазаров.

Македонија го почнува ЕП против Данска на 16 јануари од 20.30 часот, по што два дена подоцна следи пресметка против Португалија од 18 часот, а на 20 јануари ќе се соочи против Романија во истиот термин.