Романија е, сепак пресилна, Македонија со -11 се враќа од Букурешт

Македонската женска ракометна репрезентација доживеа пораз од Романија во првиот натпревар од баражот за Светското првенство во Шпанија. Иако се бореа и во периоди парираа на големиот фаворит, македонските ракометарки, сепак имаат негатива од 22-33 за да надоместат на реваншот во Скопје, в среда.

Не дека Романките ја декласираа или целосно ја размонтираа Македонија, меѓутоа во текот на целиот натпревар притискаа и полека и сигурно градеа предност, додека нашите ракометарки даваа колку што можеа за да биде поразот поподнослив.

Почнаа добро, „цедејќи“ ги своите напади до последна секунда и таквата тактика даваше плод 15-тина минута, кога резултатот беше 5-4 за фаворитот. Сепак, настана очекуван пад во нашата игра, почнаа да грешат избраничките на Симе Симовски, па нападот секна, а Романија во рок од четири минути направи серија 7-0.  Воспоставивме некоја рамнотежа и се вративме на далеку попристојна негатива, благодарение на одличната игра во одбраната во последните десетина минути.

Второто полувреме почна со 15-11 за Романија, меѓутоа и во второто полувреме се преслика сценариото од првото. Овој пат потребни беа само три минути за Македонија да пропадне во црна дупка и цели девет минути да не постигне гол. Во 42., Романија ги врати, дотогаш, максималните плус осум (22-14), па до крајот играше опуштено и самоуверено. 

Едноставно, квалитетот на Неагу беше нерешлива енигма за Македонија, ни кога се истакнуваше како шутер, ни како разигрувач на своите соиграчи. Во 53. минута разликата првпат стана двоцифрена, 29-12, а до крајот беше прашање само конечната цифра, Неагу постигна 11 гола од 15 обиди, а кај Македонија предводеше Сара Ристовска со осум гола, по пет дадоа средните бекови Моника Јанеска и Симона Стојановска. Реваншот е в среда во „Јане Сандански“, од 17 часот.