Ракометарките среде Грција ќе се борат во квалификациите за СП

Македонските ракометарки ја добија групата во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2021 година.

Како фаворити, влечени од првиот „шешир“, македонските ракометарки за противници ги добија Исланд, Литванија и Грција. По извлекувањето на групите, беше извлечено и приоритетното право за тоа кој ќе го организира квалификацискиот турнир, предвиден за 27-29 ноември или за 4-6 декември. Среќата сакаше Грција да има прва право да организира, но ако се откаже, следен домаќин е Македонија.

Првото и второто место од секоја од петте групи ќе се пласира во баражите за СП, идната година. Од сите противници, најпознат ни е Исланд, со кого игравме во иста ваква претквалификациска фаза есента 2018 и го победивме со 29-21.

Со Литванките и со Гркинките последно сме играле квалификации во 2012 и во 2011 година, но тоа беа други репрезентации. Сепак и сега тие не се на некое високо ниво. Како и Македонија, лани во октомври ги загубија првите две средби од квалификациите за ЕП 2020 (кои подоцна беа прекинати), Литванките од Црна Гора (24-32) и од Унгарија (19-33), а Гркинките од Шпанија (18-33) и од светскиот првак Холандија (18-43).