Почнува ерата без Лазаров играчот, четворица повратници во списокот на Лазаров селекторот!

Кире Лазаров го објави широкиот список од 35 имиња на кои ќе смета во октомвриската репрезентативна сесија, со која ќе бидат отворени квалификациите за Европското првнество во 2024 година.

Ова е прв список за официјални натпревари на кој ги нема Кире Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, така што, ерата којашто ја најавуваме со години наназад - почна. Дел од имињата кои ги надополнија празните места се оние на четири повратници во репрезентацијата: Никола Костески, Марио Танкоски, Димитар Димитриоски и Дарко Димитриевски.

Последните двајца се соиграчи во Ваљадолид и добиваат шанса одново по неколку собири пауза. Марио Танкоски не беше дел од репрезентацијата по Египет 2021, но со добрите изданија во Пелистер од почетокот на сезонава заслужи да влезе, барем, во поширокиот круг, додека најдолг беше постот на Никола Костески. Некогашното десно крило на Металург играше стандардно и во Холабрун во Австријаи во Плзен во Чешка, па доби место меѓу петте десни крила, каде што во меѓувреме стандарден стана неговиот помлад брат, Ненад Костески. Ново име е и Едвин Омерагиќ, од Алкалоид, во улога на дефанзивец.

Македонија ќе ги почне квалификациите за ЕП 2024 на 12 октомври, во Скопје против Луксембург, а во истата ЕХФ-недела ќе одигра на гости кај Турција, на 16 октомври. Во нашата група е и Португалија.